Dilara Zengin
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - „Во коалицијата меѓу членките на ОПЕК и оние надвор од ОПЕК, која ќе продолжи во престојните неколку месеци, Саудиска Арабија останува оптимистична за исполнувањето на замрзнатиот договор за производство на ОПЕК, до состанокот што ќе се одржи на 30 ноември“, изјави денес саудискиот министер за економија, индустрија и минерални ресурси, Халид Ал-Фалих, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на Светскиот конгрес за енергија, на кој Anadolu Agency е глобален комуникациски партнер за 2016 година, Ал Фалих изјави дека одговорните светски произведувачи се обидуваат да ја балансираат побарувачката и да снабдуваат одговорно со цел да се осигураат дека индустријата работи ефикасно.
„Во јуни зборував во врска со брзиот ребаланс. Сведок бев на конвергентноста на понудата и побарувачката, со многу јасна дивергентност во однос на 2014 година, каде што понудата од само еден регион во Северна Америка растеше побрзо отколку глобалната побарувачка“, рече тој.
Ал-Фатих изјави дека е разумно цената на нафтата да достигне до 60 долари по барел до крајот на годината.
„Сега е октомври, и цената се искачи од 40 на 50 долари. Којзнае колку ќе достигне цената до крајот на годината. Ќе се осигураме дека калибрирањето на производителите на ОПЕК и надвор од ОПЕК, како и нашите одлуки, се со цел балансирање на интересите на засегнатите страни, најважно, и интересот на милијарда луѓе во светот“, рече тој.
Тој ја нагласи улогата на ОПЕК во координирањето на одлуките за балансирање на понудата и побарувачката.
„Во следните неколку дена, во Истанбул ќе се состанам со рускиот министер за енергија, Александер Новак. Ќе дискутираме за реакциите на она што се случи во Алжир, и координативниот комитет ќе се состане во следните неколку недели за да ја разгледа улогата на понудата и побарувачката во тој договор за соработка. Со нетрпение очекувам Русија да ја има конструктивната улога во глобалната енергетска фаза“, рече тој.
Земјите-членки на ОПЕК на крајот од септември одржаа неофицијален состанок во Алжир, каде што се согласија од ноември ефективно да го намалат производството на нафта oд 32,5 и 33 милиони барели дневно до следниот состанок на ОПЕК.
Ал-Фатих нагласи дека многу земји надвор од ОПЕК изразиле желба да работат со земјите-членки на ОПЕК.
Во својот говор, Ал-Фатих ги објасни предизвиците во енергетскиот сектор и изјави:
„Мораме да признаеме дека следните предизвици се поголеми и покомплексни. Убеден сум дека нашата генерација ќе успее како и нашите предци, обезбедувајќи ѝ на идната генерација постабилен, одговорен и сигурен глобален енергетски систем“.
Тој ја пофали Турција како значаен енергетски играч. Тој, исто така, додаде дека Турција е неопходна за поврзување на регионите богати со енергија на Средниот Исток, Централна Азија и Русија, со Европа, која е жедна за енергија.
„Турција има значајна улога на светската геополитичка сцена, нова, моќна економија којашто не може да се негира“, изјави тој.
„Исто така, би сакал да се ѝ заблагодарам на Турција и на Истанбул за љубезното гостопримство, и за прекрасната нација и народ“, заклучи тој.