Ekrem Biçeroğlu
01 Декември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ИСТАНБУЛ/МАДРИД (АА) - Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ откри две нови полиња на природен гас во источниот дел на земјата, објави министерот за енергетика на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Селман, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Најновите откритија ќе дадат значаен придонес во енергетските стратегии на земјата, ќе ги зајакнат резервите на природен гас на Кралството“, објави државната новинска агенција СПА, цитирајќи го Бин Селман.
Првото наоѓалиште, полето за природен гас, Автад, е пронајдено југозападно од полето Гавар, на 142 километри југозападно од градот Хофуф.
Второто наоѓалиште, полето Ал Дана, се наоѓа на 230 километри југозападно од градот Дахран.
Во меѓувреме, Саудиска Арабија потпиша договор за купување на пет воени бродови од шпанската државна компанија за изградба на бродови „Навантија“.
На церемонијата на потпишување во главниот град Ријад присуствуваа шпанскиот министер за индустрија, трговија и туризам, Рејес Марото, помошник-министерот за одбрана на Саудиска Арабија, Халид бин Хусеин ал Бајари и челникот на „Навантија“, Рикардо Домингез.