Aida Cako
31 Декември 2025•Ажурирај: 01 Јануари 2026
ХАДРАМАУТ (АА) – Саудиската коалиција соопшти дека два брода поврзани со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) влегле во јеменското пристаниште Мукала без дозвола и со исклучени системи за следење, што предизвика нова ескалација на тензиите во Јужен Јемен, јавува Анадолу.
Портпаролот на коалицијата, генерал-мајор Турки ал-Малики, во објавата на платформата на американската компанија за социјални медиуми Х наведе дека двата брода „влегле во пристаништето Мукала со прекршување на важечките процедури, без одобрение за влез од јеменската Влада или од раководството на коалицијата“.
Рано во вторникот коалицијата соопшти дека извршила „ограничен“ воздушен напад врз двата брода што пристигнале во пристаништето Мукала од ОАЕ.
Абу Даби ги негираше обвинувањата дека бродовите носеле оружје за Јужниот преоден совет (СТЦ), наведувајќи дека истоварените возила не биле наменети за ниедна јеменска страна, туку за употреба од силите на ОАЕ што дејствуваат во Јемен.
Ситуацијата во Јужен Јемен се заостри на почетокот на овој месец откако СТЦ, главна сепаратистичка група во земјата, ја презеде контролата врз источните провинции Хадрамаут и Ал-Махра по судирите со владините сили.
Ескалацијата дополнително се интензивираше рано во вторникот, кога Саудиска Арабија ги оцени дејствата на ОАЕ како „закана за нејзината национална безбедност“.
Како одговор на тоа, претседателот на Претседателскиот лидерски совет на Јемен, Рашад ал-Алими, го поништи заедничкиот одбранбен пакт со ОАЕ и им даде рок од 24 часа на силите на ОАЕ да се повлечат од земјата.
Јужниот преоден совет во повеќе наврати тврди дека последователните влади политички и економски ги маргинализирале јужните региони и повикува на нивно отцепување од северот. Јеменските власти ги отфрлаат овие тврдења, инсистирајќи на зачувување на територијалниот интегритет на земјата.