Ayşe Rabia Sarıoğlu
03 Декември 2021•Ажурирај: 04 Декември 2021
ЕРЕВАН (АА)
- АЈШЕ САРИОГЛУ
Стјопа Сафарјан, поранешен пратеник од партијата Наследство и поранешен претседател на Народниот совет во Ерменија, истакна дека се отвора нов прозорец на можности во односите меѓу Ерменија и Турција и покрај политичката и воената поддршка што Турција и ја пружи на Азербејџан во војната во Карабах.
Сафарјан, кој беше и претседател на Народниот совет, кој служи како советодавно тело меѓу Владата и народот во Ерменија, за дописникот на Агенција Анадолија (АА) ги оцени односите на неговата земја со Турција и регионот.
„Отворената политичка и воена поддршка на Турција за Азербејџан во 44-дневната Втора војна во Карабах кај народот ја влоши перцепцијата за Турција. Во војната, Турција, исто така остави оружје во Азербејџан кое се користеше во војната. Но и покрај сиве овие проблеми меѓу двете земји, се отвора нов прозорец на можности“, нагласи Сафарјан.
Сафарјан е и основач на Центарот за меѓународни безбедносни студии во Ерменија и го брани ставот дека односите меѓу Турција и Ерменија треба да се вратат во нормала.
Тој изрази надеж дека по повлекувањето на ерменските војници од регионот, по војната во Карабах, ќе се забрза нормализирањето на односите меѓу двете земји.
- Прашањето за „Зангезур“
Сафарјан наведе дека најчувствително прашање во агендата за нормализација е коридорот „Зангезур“, кој ќе ја обезбеди врската Турција - Нахчиван - Азербејџан.
Тој наведе дека некои кругови во Ерменија, отворањето коридор што ќе ја обезбеди врската Турција - Нахчиван - Азербејџан преку Зангезур, го толкуваат како „политика на давење на Ерменија“.
„Од отворањето на овие патишта, без да се користи изразот „коридорот „Зангезур““, Турција добива многу“, нагласи Сафарјан, додавајќи дека коридорот „Лачин“, кој ја поврзува Ерменија со Нагорно Карабах, има поинаква функција.
„Доколку се користи овој израз [коридор], ерменско-турскиот дијалог ќе биде затворен“, подвлече Сафарјан.
- Ситуацијата на Пашинјан
Сафарјан истакна дека по Втората војна во Карабах, ерменскиот премиер Никол Пашинјан имал големи тешкотии во внатрешната политика, и дека покрај сите критики, се обидел да преземе чекори за билатерални односи со Турција.
Истакнувајќи дека прашањето за „Зангезур“ е најтешкото за премиерот на Ерменија, Сафарјан рече: „Пашинјан се обидува да покаже дека има позитивен сигнал од Турција за да може да се формира заедничка агенда. Пашинјан ги дава овие изјави, иако многу добро знае дека ќе има критики од општеството, но оваа ситуација од Турција не се разбира.“
- Позицијата на Русија
Сафарјан рече дека за Русија е „голема добивка“ да се насели во регионот под името „набљудувач“ по прекинот на огнот.
За значењето на Русија за Ерменија, Сафарјан рече: „Можеби поголемиот дел од општеството мисли: ‘Русија за нас не е сојузник како што е сојузник Турција со Азербејџан. Русија не се залага за нас како што тоа го прави Турција за Азербејџан.“
Меѓу другото, Сафарјан истакна дека нормализацијата на односите Ерменија - Турција ќе биде можна со преговори меѓу двете земји, а не преку мултиформат.
- Изјава од претседателот Ердоган за „Зангезур“
Претседателот Реџеп Таип Ердоган во емисија на турската државна радио телевизија (ТРТ), во врска со средбата одржана минатиот петок меѓу рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и Пашинјан, рече:
„Мојот брат, Илхам Алиев, ме информира дека оваа средба била многу добра и продуктивна. Благодарение на оваа средба, решени се прашањата за железницата и автопатот кој е во изградба покрај реката Арас. Следниот чекор што треба да се направи тука е и прашањето за автопатот што ќе стигне до Игдир. Со автопатот особено ќе се надмине проблемот со Нахчиван, од друга страна, ќе биде направен успешен чекор за Азербејџан да се поврзе со Игдир, со тоа што ќе поминува низ територијата на Ерменија. Дополнително, ќе се направи важен чекор во транспортот на луѓе и стока, по копнен пат и со железница.“