Evren Aydemir, Senada Ibraimova
25 Ноември 2016•Ажурирај: 26 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) – Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура рече дека е загрижен оти, доколку продолжат бомбардирањата, источен Алепо ќе биде уништен до новогодишните празници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервјуто за весникот „Зидојче цајтунг“, Де Мистура нагласи дека сириските и руските воени сили за кратко време ги победија опозициските сили во некои градови и во источен Алепо. „Болниците претрпеа огромна штета. Доколку бомбардирањата продолжат како досега, убеден сум дека до Нова година нема да постои источен Алепо“.
Според него, доколку сириските власти го преземат источен Алепо, цивилното население ќе доживее голема трагедија. „Во тој случај, десетици илјади бегалци ќе заинат кон Турција. И во наредните години ќе има герилски акции по селата, а во градовите ќе се поставуваат автомобили-бомби. Ова не е во ничија корист, па дури ни на Русија. Затоа, веруваме дека треба да се постигне консензус за источен Алепо“, истакнува Мистура.
На прашањето за тоа каков би бил тој консензус, тој вели дека сириските власти и Русија се борат против терористичката организација Ал Нусра во источен Алепо. „Во источен Алепо има 500 – 900 членови на Ал Нусра, максимум 1.000. Доколку овие лица, заедно со своето оружје и своите семејства заминат во Идлиб, како што ние препорачуваме, тогаш нема да има причина Русија да го бомбардира градот, ниту пак сириската власт да ѝ дозволи да го прави тоа“.
На прашањето во врска со тоа кој ќе го пополни местото на САД во решавањето на кризата во Сирија, додека да се формира новата влада, Мистура вели дека улогата на Обама не треба да се омаловажува и дека Обама и министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери, имаат голема желба да стават крај на човечката трагедија во Сирија.
Според Мистура, штетата во Сирија не оди во прилог ниту на сириската власт, ниту пак на Русија, затоа што реконструкцијата ќе предизвика огромни трошоци, а на ова ќе се додадат и недоразбирањата со државите како Саудиска Арабија, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
Тој нагласува дека Русија има важни заеднички ставови со европските држави во борбата против терористичката организација ДЕАШ, а различен став според Мистура имаат во врска со отстранувањето на Асад од власт. На крајот тој додава дека, по 6-годишното уништување на државата, на кој и да било начин, треба да се оформи ново управување.