Mehmet Tosun
14 Август 2024•Ажурирај: 15 Август 2024
АНКАРА (АА) - Според информациите добиени од безбедносни извори, подготвениот текст во преговорите за траен прекин на огнот и размената на заложници меѓу Израел и Хамас е во завршна фаза, а познати се и некои детали од преговорите, јавува Анадолу.
Според текстот, кој сѐ уште не е довршен, преговорите меѓу страните се темелат на ослободување на 12 палестински затвореници за секој заложник што го држи Хамас.
Фокусот на разговорите е врз тоа како и врз основа на што Израел ќе ги ослободи палестинските затвореници во сопствените затвори. Израел, кој се согласи да ги ослободи осудените на помалку од 30 години затвор, сака ослободувањето на осудените на повеќе од овој период да биде по нивен избор.
Околу 50 луѓе отслужуваат казни од над 30 години во израелските затвори, меѓу кои и Марван Баргути, еден од симболичните водачи на палестинското движење Фатах. Израел бара право на вето на овие имиња.
Се проценува дека Хамас држи околу 120 израелски заложници. Се наведува дека заложници држат и други групи кои се борат против Израел во Газа.
Се наведува дека Хамас покажал конструктивен став во преговарачкиот процес, кој е интензивиран во последните 2,5 месеци, и дека процесот напредува позитивно.
Безбедносни извори истакнуваат дека придонесот на Туркије во преговарачкиот процес е важен за постигнувањето на оваа фаза и наведуваат дека ставот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го забавува процесот.
Друго важно прашање поврзано со преговорите е ситуацијата со Јахја Синвар, кој го смени шефот на Политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, кој беше убиен во Иран.
Се проценува дека присуството на Синвар во Газа може да го продолжи времето за одобрување или одговор на прашањата што се изнесени на преговарачката маса.
Преговорите се очекува да бидат завршени во наредните денови како резултат на напорите на САД, Катар и Египет, со поддршка на Туркије, за да се постигне траен прекин на огнот во Газа.