Dildar Baykan
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
КУТУПАЛОНГ (АА) - Во Бенгалскиот Залив се преврте чамец во којшто се превезуваа аракански муслимани, кои бегале од операциите на армијата на Мјанмар и од будистичките националисти. Во несреќата загинаа најмалку 5 лица, чии тела се извлечени од водата, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицискиот службеник Јакуб Али информираше дека вчеравечер, во Бенгалскиот Залив, кој е една од рутите за бегство во Бангладеш, се превртел чамец во којчто се превезувале аракански муслимани.
Али истакна дека жителите на селото Шах Порир Двип во Бангладеш, во утринските часови пронашле пет тела на брегот.
Надлежните велат дека се претпоставува оти во чамецот се превезувале 35 лица и изразија загриженост дека ќе се зголеми бројот на загинатите.
- Нов бегалски камп во Бангладеш -
Од друга страна, Шах Кемал од Министерството за управување со катастрофи на Бангладеш, соопшти дека е во план да се изгради нов камп за засолнување на над 123.000 аракански муслимани кои од 25 август пристигнаа во Бангладеш.
Кемал вели дека се планира новиот камп да се изгради во областа Тјингхали, во градот Кокс Базар, каде што моментално се поставени камповите во кои живеат араканските муслимани. Тој не даде информации за тоа кога кампот ќе биде готов.
Али Хусеин, претставник на локалните власти, нагласи дека сѐ уште се преговара за изградба на новиот камп. Тој вели дека Владата во соработка со меѓународните институции се справува со оваа ситуација, која е мошне сложена.
Од 25 август, голем број аракански муслимани загинаа во нападите на мјанмарската војска, којашто продолжува со нападите во Аракан под изговор дека се води борба против вооружени милитанти. Над 60 села беа цел на овие напади, од кои десетици се запалени.
Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да преминат од Аракан во Бангладеш, преку копно и вода, со цел да избегаат од нападите. Обединетите нации (ОН) соопштуваат дека досега, над 123.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш, а десетици илјади чекаат во пограничните зони.
Не може да се утврди точниот број на убиените поради тоа што мјанмарската Влада не им дозволува на меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени илјадници лица.