Alma Çekovic
20 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
ЛОНДОН (АА) - Во Европа во текот на 2017 година забележан е огромен пораст на заболени од морбили (мали сипаници), што Светската здравствена организација (СЗО) го смета за трагедија, бидејќи во 2016 година се забележани рекордно ниски 5.273 случаи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Минатата година бројот на заболени беше зголемен за четири пати, со повеќе од 20.000 забележани случаи и 35 случаи со смртни последици.
Како што наведува Би-би-си, во 15 европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, се забележани епидемиии, а најмногу случаи има во Романија, Италија и Украина.
Експертите тврдат дека епидемијата на оваа заразна вирусна болест продолжува да се шири поради пад на имунитетот.
И покрај тоа што статијата пред 20 години во која се тврди дека ММР-вакцината може да предизвика аутизам во повеќе наврати е демантирана, нарушена е довербата во ефикасноста на вакцината кај одреден дел од светската популација.
Малите сипаници се вирусно, многу заразно заболување од групата осипни грозници, кое претежно ги погодува децата и може да се спречи со ММР-вакцина, наведуваат експертите.
„Секое новозаразено лице со мали сипаници во Европа, нè потсетува дека секое невакцинирано дете и возрасно лице, каде и да живее, ризикува да се зарази и да ја прошири болеста на оние што можеби не биле во можност да се вакцинираат“, изјави докторката Сусана Јакаб од СЗО.
За популацијата да биде заштитена од оваа, но и од останатите заразни болести, потребен е опфат со имунизација од 95 отсто.