ЖЕНЕВА
Диспаритетот помеѓу смртните случаи од рак на грлото на матката во државите со високи и државите со ниски примања раскажува сурова приказна со 9 од 10 смртни случаи како последица од болеста во земјите со ниски и средни примања, соопшти Светската здравствена организација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Денеска се одбележува Денот на акција за елиминација на ракот на грлото на матката, разорувачка болест која ги одзема животите на повеќе од 300.000 жени секоја година.
„Како и со Ковид-19, пристапот до алатките за спасување на животот е ограничен кај жените и адолесцентките во најсиромашните држави кои се лишени од капацитетите за клинички скрининг, вакцините за хуман папилома вирус (ХПВ) и третманите кои оние во богатите места ги имаат како сигурност“, рекоа од СЗО.
„Ракот на грлото на матката предизвикува големо страдање, но тој речиси целосно може да се спречи и ако е рано дијагностициран, тој е еден од најуспешно излекувачките видови рак“, рече Тедрос Гебрејесус, генералниот директор на СЗО.
„Ги имаме алатките да го направиме ракот на грлото на матката историја, но само ако направиме овие алатки да бидат достапни на сите кои имаат потреба од нив. Заедно со нашите партнери во иницијативата на СЗО за елиминирање на ракот на грлото на матката, тоа е она што сакаме да го направиме.“
Здравствените власти се соочија со неуспеси во борбата со ракот на грлото на матката за време на пандемијата на Ковид-19.
Пристапот до услугите за скрининг се намалија за многу жени; во минатото истражување 43 проценти од државите пријавија прекин на третманот за рак.
СЗО изјави дека стапката за вакцинација на ХПВ паднала од 15 проценти во 2019 година на 13 проценти во 2020 година, поради прекинот на здравствените услуги и затворањето на училиштата.
„Ризикот од рак на грлото на матката се зголемува за шестпати за жените кои живеат со ХПВ, но многумина немаат пристап до вакцинација или скрининг“, забележаа од СЗО.
Во 2020 година, само 13 проценти од девојчињата на возраст 9 - 14 години на глобално ниво биле вакцинирани против ХПВ, вирусот кој ги предизвикува речиси сите случаи на рак на грлото на матката.
Околу 80 држави, дом на речиси две третини од глобалниот товар од ракот на грлото на матката, допрва треба да ја претстават вакцината која спасува живот.
Тедрос, заедно со познати личности, првите дами низ светот, луѓе кои се избориле со ракот, здравствени и општествени организации, има за цел да ја зголеми свесноста и да мобилизира акција, една година откако СЗО ја претстави нејзината значајна, глобална иницијатива за да се елиминира ракот на грлото на матка.
СЗО има за цел да ги истакне важните нови откритија за спречување и лекување на болеста, вклучително и преквалификација на четвртата вакцина („цецолин“ од трет производител, „Иновакс“) за ХПВ, од која се очекува да го зголеми и диверзификува виталното снабдување со вакцинација.
Минатата година, вакцината против ХПВ беше воведена во седум држави, Камерун, Зелен 'Рт, Ел Салвадор, Мавританија, Катар, Сао Томе и Принсипе и Тувалу, зголемувајќи ја вкупната бројка на 115.
За да ја забрза елиминацијата на ракот на грлото на матката како јавен здравствен проблем, глобалната стратегија на СЗО бара 90 проценти од девојчињата да бидат вакцинирани против ХПВ, 70 проценти од жените да имаат направено скрининг за претканцерогени рани, и 90 проценти од оние на кои им треба, да имаат пристап на третман и палијативна нега.
„Овие мерки можат да придонесат за намалување на повеќе од 40 проценти на нови случаи на болеста и спречување на 5 милиони смртни случаи до 2050 година“, соопшти СЗО.
news_share_descriptionsubscription_contact
