Fatih Erel
13 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Повеќе од 2,1 милијарда луѓе немаат пристап до чиста и безбедна вода за пиење во своите домови, а 4,5 милијарди живеат без основни санитарни услови, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СЗО и на Меѓународниот фонд на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ), се вели дека повеќе од 844 милиони луѓе во светот немаат пристап до безбедна вода за пиење.
„Безбедната вода, санитарните услови и хигиената во домот не треба да биде привилегија само на богатите и на оние што живеат во урбаните области“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Тој истакна дека децата се загрозени од болести поради недостаток на вода за пиење и санитарни услови, и додаде дека секоја година повеќе од 360.000 деца под пет години умираат од дијареја.
„Околу 263 милиони луѓе во светот издвојуваат повеќе од 30 минути за собирање вода од различни извори надвор од домот, а 159 милиони сѐ уште пијат загадена вода од површинските извори како потоци и езера“, се вели во извештајот.