Ali H. M.Abo Rezeg
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
КАИРО (АА) - Најмалку девет египетски полицајци загинаа, а десет се повредени во бомбашки напад на контролен пункт на полуостровот Синај, јавува Anadolu Agency (AA).
Нападот се случил во градот Ал-Ариш, во североисточниот дел на Синај, кога еден од напаѓачите со камион полн со експлозив се втурнал во контролниот пункт, по што напаѓачите отвориле оган врз полицијата.
„Неидентификувани оружени лица отворија оган врз полицијата. По експлозијата, зградата на полицијата, која се наоѓа во близина на контролниот пункт е срамнета со земја“, изјави за АА извор близок на безбедносните сили на Египет.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Станува збор за египетско подрачје кое веќе четири години е центар на длабока политичка и безбедносна криза.
Судирите на локалните милитантни групи и египетските вооружени сили се интензивираа од летото 2013 година, кога со воен удар беше соборен првиот демократски избран претседател на Египет, Мохамед Морси.
Египетските сили оттогаш спроведуваат операции против оружените милитанти на синајската терористичка група „Велајет Синај“ поврзана со терористите на ДЕАШ.