Selen Temizer
23 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Челникот на Врховниот преговарачки комитет на сириската опозиција, Ријад Хиџаб, изјави дека опозицијата го прифати договорот за прекин на судирите во Сирија, под услов да се стави крај на опсадата на градовите, да се испорача хуманитарна помош, да се ослободат затворениците и да се стави крај на воздушните и копнените напади врз цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако претставниците на САД и Русија објавија дека постигнале договор за прекин на огнот во Сирија, Комитетот во писмената изјава, потпишана од Хиџаб, соопшти дека ги прифаќа меѓународните напори за ставање крај на борбите во Сирија.
Се тврди дека преговарачкиот тим на сириската опозиција и понатаму ќе продолжи да ги поддржува меѓународните иницијативи со цел успешно завршување на крвопролевањето и почеток на преговорите кои ќе ги вклучи сите страни.
Хиџаб потсетува дека вчера е одржана средба на опозицијата во Ријад, на која се разговарало за можноста за постигнување договор за прекин на огнот кој ќе гарантира дека меѓу оние одговорни за страдањата во Сирија ќе се смета тамошниот режим, Русија, Иран и неговите милитантни елементи, и дека ќе има гаранции за почитување на резолуциите на ОН.
„Нашиот став е јасен. Ние исполнуваме дел од обврските што ги презедовме со одлуките донесени на преговорите во Минхен и дејствуваме во рамките на надлежностите на Комитетот кои ни ги дадоа нашите групи. Ќе ја продолжиме соработката и дискусијата за процесот со меѓународните партнери”, рече Хиџаб.
Претставници на САД и Русија ден претходно постигнаа договор за прекин на огнот во Сирија, што ќе стапи на сила во сабота на 27-ми февруари, а како што пренесува АП, договорот го прифатила и сириската влада.