Ekipa
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Во последните пет дена, во Сирија загинаа 39, а ранети се повеќе од 170 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Кршењето на договорот за прекин на огнот во Сирија се интезивира пред четвртиот круг од мировните преговори во Женева. Преговорите за кризата во Сирија што досега трипати се одржаа во Женева, не дадоа резултати.
Договорот за прекин на огнот во Сирија е постигнат со посредство на Турција и Русија, а на сила стапи на 30 декември 2016 година. И покрај кршењето на договорот од страна на режимските сили на сирискиот претседател Башар ал Асад, со него се намали интензитетот на војната и се отвори патот кон нови преговори.
Како што наведоа извори од цивилната заштита, силите на Асад на 18. февруари извршија напад на подрачјето на Хареста, во источниот дел на Дамаск. Нападот е извршен за време на погреб, при што загинаа 17, а ранети се 54 цивили.
Уште еден напад е извршен ден подоцна на подрачјето на Кабун, во кој беа тешко ранети 97 лица. Истиот ден е извршен напад и на подрачјето Дера, во кој загинаа шестмина и ранети се исто така шестмина цивили.
Режимските сили на 20 февруари извршија напад на подрачјето на Дума, во источниот дел на Дамаск, во кој загинаа деветмина цивили. Вчера е извршен напад на подрачјето на Идлиб, во кој загинаа седуммина цивили.