АЛ БАБ (АА) - Опозициските Курди во Сирија кои се против терористичката организација ПЈД што спроведува притисок со политички и произволни апсења, во исто време се борат против ДЕАШ и против ПЈД, јавува Anadolu Agency (AA).
Махмуд Хало Ебу Хамза, командант на бригадата Ахфад Салахадин на опозициските курдски групи што се дел од Слободната сириска армија (ССА), рече дека бегајќи од нападите на терористичката организација ДЕАШ кон селото Сусамбат, биле принудени да се борат и против ДЕАШ и против ПЈД.
Ебу Хамза во изјавата за АА наведе дека бригадата Ахфад Салахадин, која е составена од младите опозициски Курди поврзани со ССА, во северниот дел од Алепо се судриле со ПЈД – огранокот на терористичката организација ПКК во Сирија и Сириските демократски сили.
Командантот Ебу Хамза изјави дека пред 4 месеци, во нападот на силите на ДЕАШ и ПЈД врз градот Мари, во подрачјето на Алепо, младите опозициски Курди заедно со локалното население се бореле против овие организации. „Според ПЈД, секој Курд, доколку заедно со Арапите го дал својот придонес во револуцијата, е поопасен од ДЕАШ. ПЈД не прифаќа еден Курд да биде заедно со опозицијата. Јас сум Курд. Бев притворен од ПЈД бидејќи делував заедно со опозицијата“, рече Ебу Хамза.
Ебу Хамза изјави дека затворите на организацијата се многу полоши од затворот „Саданаја“ на режимот на Асад во Дамаск и додаде:
„Цели 15 месеци бев затворен во келија без светлина. Бидејќи делував заедно со опозицијата, 4,5 месеци секојдневно ме измачуваа. ПЈД на крајот ме осуди на смрт. Бев ослободен во размената на затвореници меѓу опозицијата и ПЈД. Организацијата пред мои очи уби две млади курдски момчиња кои соработуваа со опозицијата“.
- „ПЈД насила, со оружје се обидува да ги контролира Курдите“ -
Командантот Ебу Хамза рече дека ПЈД ги измачува младите Курди кои не се заедно со Арапите во ССА, истакнувајќи дека ПЈД себеси се претставуваат како единствени претставници на Курдите во граѓанската војна во Сирија. „ПЈД не можат да бидат претставници на Курдите, тие се обидуваат насила, со оружје да ги контролираат Курдите во Сирија“, изјави Ебу Хамза.
Во изјавата, командантот Ебу Хамза истакна дека сириските Курди во никој случај не сакаат ПЈД да напредува во подрачјата на Азаз и Џарабулус.
„Се бориме против ПЈД. Уште од самиот почеток, ние сме против проектите на ПКК-ПЈД во ова подрачје. ПЈД-ПКК им служат на режимот и на Иран и немаат никаква врска со Курдите во подрачјето. Доколку ПЈД се грижеше за Курдите, тогаш немаше да ги иселува курдските семејства и младите Курди под притисокот на ПЈД немаше да бегаат во Европа“, вели Ебу Хамза.
Командантот Ебу Хамза рече дека е невозможна федерализацијата во подрачјето меѓу Африн и Кобани, која ја прокламира ПЈД, истакнувајќи дека во тоа подрајче живеат Арапи, Туркмени и Курди.
Ебу Хамза во својата изјава рече: „Поврзувањето на овие две места е невозможно. За поврзување на кантоните Африн и Кобани, потребно е сите Арапи и Туркмени од ова подрачје да се иселат. Во околината на градот Ал Баб, кој е дел од областа на Алепо, има 45 курдски села. Жителите на овие села, уште од почетокот на револуцијата се заедно со Арапите против режимот на Асад. Ние, како млади Курди сме против проектите на ПЈД/ПКК и поделбата на Сирија“.
- „Никој како Турција не се грижи за Сиријците“ -
Капетанот Ебу Хамза ѝ се заблагодари на Турција за трудот да создаде безбедносна зона во Сирија и за тоа што Турција е домаќин на сириските бегалци, кои бегајќи од граѓанската војна, спасот го најдоа во таа соседна земја.
Хамза потсети дека во Турција во моментов се наоѓаат 3 милиони Сиријци. „Никој како Турција не се грижи за сирискиот народ“, истакна тој.
Капетанот Хамза нагласи дека тие не прават разлика, не ги делат Курдите, Арапите и Туркмените, дека не се против ниту една вера и верување, и истакна дека се против проектите на ПЈД и ДЕАШ.
Доколку ПЈД се доближи до подрачјата што се под контрола на единиците поврзани со бригадата Ахфад Салахадин, капетан Хамза рече дека тие ќе застанат против нив. „Што и да се случи, ќе го спречиме влезот на организацијата во регионот. Ги поддржуваме силите на ССА што во рамките на операцијата ‘Штитот на Еуфрат’ добиваат помош од Турските вооружени сили (ТСК). Многу е добро тоа што ТСК делува заедно со ССА во Сирија“.
news_share_descriptionsubscription_contact
