Sibel Uğurlu
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Животот се враќа во нормала за жителите на Џарабулус во северна Сирија, два месеца откако Слободната сириска армија, поддржана од Турција, го ослободи градот во покраината Алепо, велат жителите за Anadolu Agency (АА).
Мухамед Хабеш, претседателот на Советот на Џарабулус, за АА денес изјави дека некогашниот град на духови сега е преполн со живот.
Хабеш ѝ се заблагодари на Турција за слободата.
„ДЕАШ уништи сѐ и откако нашиот град беше ослободен, никој не веруваше дека овие проблеми ќе бидат решени за кратко време. Сепак, вистината е дека сѐ е променето во Џарабулус, животот е сменет за 180 степени“, вели тој.
Тој изјави дека турската операција „Штитот на Еуфрат“ го овозможила доводот на струја, вода и го направи градот безбеден. Хабеш исто така додаде дека училиштата се повторно отворени и дека луѓето ќе можат слободно да одат во џамија за своите молитви.
„Ние сме среќни, и жителите се безбедни во своите домови. Благодарение на Турција, тие наутро се будат во мир. Ѝ се заблагодаруваме на турската Влада и на властите за тоа што им подадоа рака на невините за време на војната“, вели Хабеш.
„И сега, Турција ги користи сите достапни средства за реконструкција на Џарабулус“
ДЕАШ беше принуден да го напушти Џарабулус по операцијата „Штитот на Еуфрат“, започната на 24 август.
Популацијата на градот, која падна на помалку од 4.000 лица, сега изнесува над 30.000. Според канцеларијата на гувернерот во Газиантеп, 7.541 Сиријци се вратиле во сирискиот град Џарабулус, од турската покраина Газиантеп.
Пазарите и продавниците се полни со луѓе што до неодамна беа заробени во своите домови поради присуството на ДЕАШ.
Дури и занаетчиите остануваат да работат до доцна во градот.
Ибрахим ал-Хасан, занаетчија во Џарабулус, вели дека претходно луѓето не можеле да се движат во градот.
„Сега, центарот на градот е преполн, дури и ноќе“, вели тој.
Ал Хасан вели дека општината Газиантеп ги расчистува улиците на Џарабулус и ги празни контејнерите кои биле поставени насекаде.
„Сега имаме мир и надеж дека така и ќе продолжи, и овде и секаде во земјата“, додаде тој.
Турската операција „Штитот на Еуфрат“ е започната на 24 август, со цел да се зајакне граничната безбедност, поддршка на коалициските сили и елиминирање на заканите од страна на терористичките организации, особено од ДАЕШ.
Операцијата е во согласност со правото на земјата на самоодбрана, кое произлегува од меѓународните договори и од мандатот даден на турските вооружени сили од турскиот Парламент во 2014 година, кој беше продолжен за уште една година во септември 2015.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Сирискиот центар за политички истражувања истакнува дека бројот на загинатите во шестгодишниот конфликт изнесува над 470.000 лица.