Ekipa
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Најмалку 16 лица, од кои осуммина цивили загинаа во повеќе од 300 напади што припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршија во последните 24 часа, во Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарите на АА во Дамаск јавуваат дека припадниците на режимот на Асад од вчера попладне извршуваат интензивни напади на Ирбин, Хамурија, Медјере, Дума, Сакба, Кафр Батна, Марџ и на Хареста.
Податоците на Медиумскиот центар на Гута, основан од страна на новинарите од Источна Гута, велат дека припадниците на режимот во последните 24 часа извршиле 50 воздушни напади и повеќе од 250 артилериски напади. Центарот наведува дека нападите и понатаму траат.
„Во интензивните напади загинаа најмалку 16 лица, од кои осуммина цивили, а повеќе од 100 лица се ранети“, наведе Центарот.
Околу 400.000 лица во Источна Гута, која веќе пет години е под опсада на припадниците на режимот на Асад и на терористичките групи, живеат во екстремна сиромаштија, без храна и други основни услови за живот.
Неодамна е оневозможен протокот на храна и лекови кои претходно на споменатото подрачје беа доставувани по тајни патишта. Податоците на локалните извори покажуваат дека повеќе од илјада лица во Источна Гута се соочуваат со смрт поради недостаток на храна и лекови.
Делови од Источна Гута во согласност со договорот на Турција, Русија и Иран постигнат во Астана, се прогласени за зона без судир. Иако примирјето е прогласено на 22 јули, припадниците на режимот на Асад честопати го кршат.
Во нападите што припадниците на режимот ги извршија во текот на последната недела, многу објекти во руралните подрачја и во околината на Источна Гута се срамнети со земја.