Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
21 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
ИДЛИБ (АА) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА -
Нападите на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, кои од почетокот на месецот се изведуваат врз населените места во зоната без судири во Идлиб, доведоа до раселување на околу 6.900 семејства, јавува Anadolu Agency (AA).
Интензивните напади на Асадовиот режим и странските терористички групи поддржувани од Иран, кои беа изведени врз Кан Шејхун и Маратинуман, две поголеми населени места во Идлиб, доведоа до нови миграции кон камповите во близина на границата со Турција.
Неколку десетици илјади цивили од Кан Шејхун и Маратинуман мигрираат кон камповите недалеку од границата со Турција и во други делови на градот.

Мухамед Халаџ, директорот на невладината организација „Координатори за хуманитарна помош во Сирија“, истакна дека од почетокот на месецот своите домови ги напуштиле околу 6.900 семејства во Идлиб и Хама, и заминале во делумно побезбедни подрачја.
Според неговите зборови, од 17 септември 2018 година, денот кога Турција и Русија го склучија Договорот од Сочи, поради кршењето на споменатиот договор, домовите морале да ги напуштат околу 25.000 семејства.
Еден од многуте Сиријци кои мораа да избегаат во камп во пограничното подрачје е и Ибрахим Суси, кој во нападите го изгуби својот син.
„Во бомбардирањето го изгубив мојот 18-годишен син. Секогаш жртви се децата. Нема крај на миграциите. Денес дојдовме во камп. Каде ќе одиме утре? Можеби во Европа?“, запраша Суси.
Тој истакна дека на подрачјето на кое се изведуваат нападите нема терористи.
„Ја нема терористичката организација ДЕАШ. Имајте страв од Бога. Што сме згрешиле ние? Сите ќе одговарате за ова“, рече Суси.
Мухамед Сермани (65) од Кан Шејхун, рече дека во периодот на намален интензитет на бомбардирањата успеал да избега во камп, претходно поставен за жителите од тоа место.
Сермани објасни дека дел од жителите, и покрај бомбардирањата, останале во градот, а дел избегале во околните подрачја. Тој побара помош и заштита од турските власти.
Во воздушните и копнените напади кои режимските сили ги спроведоа во зоната без судири во Идлиб од почетокот на годината, загинаа 68 цивили, а над 260 се ранети.