свет

Сирија: Најмалку 36 загинати, десетици повредени во израелски воздушни напади врз Палмира

Државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на воен извор, објави дека израелски воени авиони извршиле напади од правец на Ал Танф во западна Сирија, таргетирајќи неколку згради во градот

Mohammad Sıo  | 20.11.2024 - Обновена : 20.11.2024
Сирија: Најмалку 36 загинати, десетици повредени во израелски воздушни напади врз Палмира

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 36 лица се загинати, а над 50 се повредени денес во израелски воздушни напади врз древниот град Палмира во централна Сирија, пренесува Анадолу.

Државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на воен извор, објави дека израелски воени авиони извршиле напади од правец на Ал Танф во западна Сирија, таргетирајќи неколку згради во градот.

Се известува за голема материјална штета од нападите во областа.

Сириските државни медиуми претходно објавија дека цел на нападите биле станбени згради и индустриска зона во градот.

Засега нема коментар од израелска страна за нападите.

Израел, кој ретко ги коментира воените операции, спроведува воздушни напади во Сирија од 2011 година, со фокус на иранските и сириските сили и позициите на Хезболах. Последните воздушни напади ги одразуваат континуираните регионални тензии поради израелските воени офанзиви во Појасот Газа и Либан.

Израел ја продолжува смртоносната офанзива во Газа по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година, во која досега се убиени речиси 44.000 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 104.000.

Конфликтот се прошири и во Либан, каде Израел врши смртоносни напади низ целата земја како ескалација на едногодишните прекугранични судири меѓу Израел и Хезболах од почетокот на војната во Газа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın