Ekip
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
АЛЕПО (АА) - Опозицијата и цивилите сместени во делот на Алепо, кој е под опсада на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, одбиваат да го напуштат градот, јавува Anadolu Agency (AА).
Режимските сили, кои под опсада го држат источниот дел на Алепо, и Русија која врши чести бомбардирања, вршат притисок врз опозицијата и цивилите да го напуштат градот, а присутна е и пропаганда за „напуштање на градот”.
Жителот на Алепо, Рами Ебу Саид, вели дека нема да го напушти градот и покрај бомбардирањата.
„Ако ни е пишано да умреме, ќе умреме. Ако не умреме, се надевам дека ќе победиме”, рече Ебу Саид.
Жителите на Алепо веруваат дека опсадата на Алепо ќе заврши и дека градот ќе биде ослободен.
„Ова е моја земја, тука сум роден и тука израснав. И покрај урнатините и опсадата, нема да си одам оттука. Режимот нека прави што сака, јас сум тука”, порача Амар Енсари.
Возачот на итна помош, Ебу Маџид, изјави дека за првпат во текот на четири години биле подложни на толку интензивни бомбардирања.
„Користени се сите видови на оружје. И покрај тоа, ќе продолжиме да ги спасуваме овие луѓе”, истакна тој.
Опозициските групи се спротивставија на наводите за напуштање на градот додавајќи дека тоа е само режимска пропаганда со цел обесхрабрување на населението.
Ахмет Генџо, командантот на опозициската група Нуретин Зенги, изјави дека нема да го напушти Алепо и ќе продолжи да дава отпор.
„Не обрнуваме внимание на она што режимот и Русите го велат. Приказната за напуштање на градот намерно се шири, но ние ќе продолжиме да ја браниме својата територија”, истакна Генџо.
Полковникот Ебу Омер изјави дека никој од цивилите не заминал од територијата која се наоѓа под контрола на опозицијата.
„Ниту цивилите ниту вооружените групи не прифаќаат да ја напуштат својата територија. Особено цивилите не сакаат да го напуштат градот. Целта на режимот е да го протера сунитското население од Алепо и да ги доведе авганистанските шиитски групи. Свесни сме за сè”, истакна тој.
Русија неодамна соопшти дека ќе направи осумчасовна „хуманитарна пауза“ за да овозможи евакуација на цивилите од Алепо, додека вооружените сили да заминат кон Идлиб.