Ömer Koparan,Mehmet Burak Karacaoğlu
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
АФРИН (АА)
- Омер КОПАРАН
Изгледот на сириски Африн, кој беше исчистен од терористите со операцијата „Маслинова гранка“, се менува со поставување бекатон-плочки на улиците од градот, проект што ги реализира Локалниот совет, основан со поддршка на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалниот совет на Африн, кој шест години беше окупиран од терористичката организација ЈПГ/ПКК, спроведува различни активности од областа на инфраструктурата, санирање на оштетени училишта и градење асфалтни патишта.
Локалниот совет, уредувајќи ги патиштата во центарот на областа Африн со бекатон-плочки, ги продолжува своите услуги кон граѓаните.
Сакип Фехим, мајстор за поправка на велосипеди во центарот на областа Африн, за Агенција Анадолија изјави дека Африн бил запоставен за време на окупацијата од страна на терористичката организација.
„Патиштата во Африн беа непроодни од кал во зимските денови и од прашина во летниот период“, нагласи Фехим.
Истакнувајќи дека изгледот на Африн од ден на ден е сѐ поубав, Фехим рече: „Благодарам на Бога, патиштата се поправаат. Стануваат чисти и уредени. Повеќе нема да имаме проблеми со прашина или кал. За среќа, нашиот Африн станува сѐ поубав и поубав.“
Фармацевтот Ридван Ахмед нагласи: „Господ да ги благослови оние што ни ги градат патиштата. Тоа е многу добра услуга, имавме различни проблеми и во зима, и во лето. Откако беа поставени бекатон-плочките, патиштата станаа поубави. Сега улиците се чисти, исто како да шеташ во трговски центар.“
Центарот на Африн беше ослободен од терористичката организација ЈПГ/ПКК на 18 март 2018 година, со операцијата „Маслинова гранка“.