Ekipa
25 Декември 2019•Ажурирај: 26 Декември 2019
ИДЛИБ (АА) - Игнорирајќи ги договорите од Астана, режимот на Башар ал Асад, со помош на Русија и Иран, бројот на населените места што ги зазеде во Идлиб ги зголеми на 40, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Режимските сили, од синоќа во јужниот дел на областа Маратинуман ги зазедоа селата Амдудије, Сихјан, Кефербасин и Текане и мостот „Хиш“.
Мостот „Хиш“ се наоѓа во близина на селото Мархатат кое Турските вооружени сили (ТВС) го користат за логистички цели.
Така, бројот на населени места кои се под контрола на режимските сили се зголеми на 40. Тие копнената операција ја започнаа на 20 декември.
Режимските сили, претходно во југоисточниот дел на Идлиб ги зазедоа местата Џерџеназ, Хирбет Марата, Абу Дефне, Ал-Хадис, Кефер Јасин, Салихије, Ал-Фалул, Бабулин, Ум Џелал, Ум Тувејне, Реџмул Кит, Хираки, Минтар, Сихал, Ес Сирџ, Сејади, Тел Шеик, Фурџе, Брејса, Рабија, Хуребе, Шара, Абу Хабе, Мудејрисе, Абу Шерџи, Крати, Крестене, Хулубе, Тух, Муајсуруне, Техтаја, Абу Меки, Сукија и Сирман.
Цел на интензивните напади се центрите и руралните области на Маратинуман и Серакиб.
Во нападите на режимот на Асад, кој има за цел да напредува со копнените сили, поддршка му даваат странските терористички групи поддржани од Иран и руските специјални сили „Тигрови сили“, кои се во составот на 5. Легија.
Преку изведувањето воздушни напади, Русија им дава поддршка на силите на режимот.
- Состојба на судирите во Идлиб во деескалационата зона -
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб, кое се наоѓа во северозападниот дел на Сирија, претставува упориште на опозицијата и вооружените групи што се борат против силите на режимот. Центарот на Идлиб, кој поради внатрешните миграции брои 4 милиони жители, во март 2015 година потпадна под контрола на опозицијата. Идлиб се наоѓа на врвот од подрачјата кои се цел на интензивни напади на режимот.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за зона на деескалација на судирите. На 17 септември 2018 година во Сочи е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и за формирање деескалациска зона.
Од потпишувањето на тој договор, во нападите на Асадовите сили и нивните сојузници во Идлиб загинаа најмалку 1.300 цивили, а во изминатата година раселени се над 1 милион луѓе. Само во последните два месеца од тоа подрачје се раселени 215.000 цивили.