Sibel Uğurlu
07 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
ИДЛИБ (АА) - Опозициските групи во северозападниот сириски град Идлиб објавија дека во согласност со Договорот меѓу Турција и Русија започнале со повлекување на тешкото вооружување од првите редови, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Националниот фронт за ослободување на Сирија, поврзан со Слободната сириска војска (ССВ), Наџи Мустафа, за АА изјави дека опозициските групи започнале со повлекувањето на тешкото оружје, во согласност со Договорот меѓу Русија и Турција кој предвидува воспоставување демилитализирана зона.
Мустафа рече дека лесното оружје ќе остане и дека тие ќе продолжат да копаат ровови како мерка против можен напад од сирискиот режим.
„Отстранувањето на тешкото оружје ќе биде спроведено во координација со турските власти“, изјави тој.
По состанокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин во рускиот град Сочи минатиот месец, двете земји се согласија да се формира демилитаризирана зона во Идлиб, последното упориште на опозицијата во Сирија.
Анкара и Москва, исто така, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се повикува на стабилизирање на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб.
Во рамките на Договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите во кои се веќе присутни, додека Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во областите, со цел спречување на повторни судири.
Сирија е средиште на граѓанска војна која започна во 2011 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги разби продемократските протести со неочекувана свирепост.