Davut Demircan
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
ШАНЛИУРФА (АА) - Сиријците што се засолнија во Турција бараат да се вратат во своите родни места откако Турската армија и Сириската национална војска (СНВ) ги исчистија регионите Тел Абјад и Рас ал Ајн, во северниот дел на Сирија, од терористите на ЈПГ/ПКК, пишува Anadolu Agency (AA).
Сиријците кои побегнаа од притисокот на терористите на ЈПГ/ПКК се надеваат дека ќе се вратат во своите домови, кои се наоѓаат неколку стотина метри од турската граница.
Ахмет Сари (30), кој дојде од Рас ал Ајн, кој работел како фитнес-инструкторво градот, престојува во подрачјето на Џејланпинар во турската област Шанлиурфа.
Тој се засолнил во Турција заедно со неговите две деца кога терористите ја презеле контролата во неговиот роден град.
„Имаше вооружени конфликти. Имам две деца. Една од првите причини поради кои дојдов во Турција е да ги заштитам животите и иднината на моите деца“, изјави Сари.
Тој во Џејланпинар живее седум години и работи како готвач во ресторан.
„Мајка ми и татко ми се сè уште во Рас ал Ајн, разговарам телефонски со нив. Ми недостигаат моите родители многу, исто така ми недостига мојата работа и луѓето кои вежбаа кај мене, кои беа дел од мојот живот. Би сакал да се вратам во мојата родна земја по седум години доколку судирите завршија таму“, додаде тој.
„Доаѓаат добри денови. Не сме ја виделе ситуацијата таму, но ќе биде добро со божја волја“, изјави тој.
Уште еден Сириец, Јасин Исмаил Халаф, престојува во Турција со неговото деветчлено семејство, повеќе од четири години.
„Терористите на ЈПГ/ПКК нè угнетуваа и нè принудија да заминеме“, рече Халаф.
„Знам дека тие (терористите) се тренирани за етничко чистење на Арапите од Тел Албјад со цел да ги принудат да заминат. Тие ги затворија сите трговски рути, ги прекинаа можностите за работа, ги оставија луѓето да гладуваат и ги принудија да ја напуштат земјата“, рече тој.
„Благодарен сум на турскиот претседател Ердоган, Турската армија и Сириската национална војска“, рече тој, додавајќи: „Ние ги спакувавме нашите работи, штом Турција ќе рече дека областите се безбедни, ние ќе се вратиме во нашите домови.“
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Во согласност со постигнатиот договор меѓу САД и Турција, турските сили на 17 октомври на период од 120 часа ја паузираа операцијата, за да им овозможат на терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од пограничниот појас во североисточна Сирија. По истекот на рокот, турското Министерство за одбрана објави дека турската страна ги исполнила своите обврски како што е договорено со САД, и дека американската страна ја известила Анкара дека терористите на ЈПГ/ПКК се повлекле. Министерството, исто така, порача и дека веќе нема потреба од нови вакви операции на турските сили во Сирија.
Паралелно со тоа, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, се состана со рускиот колега, Владимир Путин, во Сочи на 22 октомври и постигна договор што вклучува започнување на заеднички турско-руски патроли во северна Сирија. На средбата меѓу Ердоган и Путин и делегацијата, која траеше повеќе од шест часа, беше постигнат договор според кој терористите на ЈПГ се повлекуваат и се започнува со заеднички патроли во Сирија.