Ömer Tuğrul Çam
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Советот НАТО - Русија заседава денеска во Брисел и тоа првпат од 2019 година за да разговара за прашањата како што се безбедноста на Европа и тензичната ситуација по натрупувањето на руските сили на украинската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со состанокот, кој се одржува во седиштето на НАТО, претседава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Руската делегација ја предводат заменик-министерот за надворешни работи, Александар Грушко и заменик-министерот за одбрана, Александар Фомин.
На состанокот, покрај постојаните претставници на НАТО во Брисел, присуствува и заменичката-државен секретар на САД, Венди Шерман.
Советот НАТО - Русија разговара за прашања како што се тензиите околу распоредувањето на околу 100.000 руски војници на границата со Украина и предлозите за безбедносни гаранции во Европа што Русија им ги нуди на САД и НАТО.
САД и НАТО во последните месеци постојано ја предупредуваа Русија да не ја напаѓа Украина, заканувајќи се дека таквата ситуација ќе има сериозни последици и висока цена. Повеќето западни земји најавуваат остри економски, финансиски и политички санкции кон Русија во случај на напад на Украина.
Русија, од друга страна, вели дека нема намера да ја нападне Украина. Во своите предлози за договори за безбедносна гаранција со САД и НАТО, Русија повикува на запирање на проширувањето на НАТО кон исток и вклучување на земјите од поранешниот Советски Сојуз во НАТО.
Меѓу барањата упатени до САД се да не се основаат воени бази во земјите од поранешниот Советски Сојуз и земјите кои не се членки на НАТО, да не се користи нивната инфраструктура за спроведување на какви било воени активности и да не се соработува со тие земји.
Предлогот на Русија вклучува и одредби за да не се распоредува нуклеарно оружје надвор од националната територија на секоја земја и за повлекување на таквото оружје распоредено надвор од националната територија.
По зголемувањето на руското воено присуство на границата со Украина во последните месеци, тензиите меѓу НАТО и Русија се зголемија, а односите паднаа на најниско ниво по Студената војна. Во рамките на дипломатските иницијативи започнати потоа, пред два дена во Женева се одржаа средби меѓу замениците-министри за надворешни работи на САД и Русија.
За првпат од 2019 година Русија позитивно одговори на повикот на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, да одржи состанок на Советот НАТО - Русија. Состаноците на Советот, кои беа прекинати на некое време поради илегалната анексија на Крим од Русија во 2014 година, продолжија во 2016 година, но не беа одржани по двата состаноци во 2019 година.
Од денешната средба не се очекуваат конкретни резултати. Во изјавата на крајот од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, одржан минатата недела, Столтенберг рече дека не би било реално да се очекуваат моментални резултати од разговорите што ќе се водат со Русија оваа недела за безбедноста на Европа. НАТО има за цел да започне серија состаноци со Русија за да разговара за важни прашања.
На слични теми дипломатите ќе разговараат и утре во Виена на состанокот на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).