Aida Cako
22 Јули 2025•Ажурирај: 23 Јули 2025
СКОПЈЕ (АА) – Соленото Езеро во централна Турција ова лето повторно се обои во розова боја, природен феномен што привлекува бројни домашни и странски туристи, јавува Анадолу.
Сместено на пресекот меѓу областите Коња, Анкара и Аксарај, езерото секоја година во летниот период ја менува својата боја како резултат на природни процеси поврзани со алгите и халобактериите во водата.
Со порастот на температурите и соленоста во текот на летото, алгите во езерото лачат црвена супстанција наречена бета-каротен за да се заштитат од штетните ултравиолетови зраци.
Истовремено, халобактериите се размножуваат во голем број, што резултира со карактеристичната розова или црвена боја на езерото.
Во делови од летниот период, голема површина од езерото станува бела поради излегувањето на солта на површината, што создава уникатен контраст и визуелна атракција.
Оваа сезонска промена претставува вистински визуелен спектакл што секоја година привлекува илјадници посетители.
Езерото се наоѓа на прелиминарната листа за светско наследство на УНЕСКО и има значајна улога во економијата на земјата, задоволувајќи околу 70 % од потребите за сол на Турција.