Ekipa
09 Февруари 2019•Ажурирај: 10 Февруари 2019
МОГАДИШУ (АА) - Најмалку 15 милитанти на Ал Шабаб беа убиени во одделни американски воздушни напади во подрачјето на Долен Шабел во Сомалија, соопшти Африканската команда на вооружените сили на САД (AFRICOM), јавува Anadolu Agency (AA).
Воздушните напади беа спроведени во текот на изминатите 48 часа врз позициите на групите поврзани со Ал Каеда во населеното место Гендерше и градот Барире.
Во соопштението на Командата се вели дека првиот воздушен напад се случил на 6 февруари во Гендерше, во кој биле убиени 11 милитанти, додека вториот воздушен напад бил изведен на 7 февруари во Барире кога биле убиени четворица милитанти.
Во соопштението се додава дека воздушните напади врз Барире се започнати откако Сомалиската национална армија била нападната од милитантите на Ал Шабаб при операција за сузбивање на групата за собирање данок и заплашување на локалното население во тоа подрачје.
Адов Мухамед, капетан во Сомалиската национална армија во подрачјето на Долен Шабел, за АА ги потврди воздушните напади.
Воздушните напади се последни од нападите изведени од страна на САД во изминатите осум дена, во кои беа убиени најмалку 50 милитанти на Ал Шабаб.