Tayfun Salcı
25 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, и кинескиот претседател Си Ѓинпинг се согласија да ја интензивираат соработката, со цел властите на Северна Кореја конечно да се откажат од развојот на контроверзната нуклеарна и балистичка програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на шефицата на британската Влада соопштуваат дека премиерката Меј во телефонски разговор со претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, истакна оти севернокорејското тестирање на нуклеарни и балистички ракети претставува грубо кршење на меѓународните норми и обврски на таа земја.
Меј и Си се согласија дека воведувањето на новиот пакет меѓународни санкции за Северна Кореја се добар показател дека меѓународната заедница е обединета во борбата против севернокорејската нуклеарна програма и се согласија оти е од клучно значење тие санкции и во наредниот период соодветно да се применат.
Лидерите на двете земји се согласуваат дека Обединетото Кралство и Кина, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, имаат посебна одговорност за изнаоѓање на дипломатско решение за севернокорејското прашање.
Посочувајќи на одличните билатерални односи меѓу Кина и Обединетото Кралство, претседателот Си и премиерката Меј го најавија зајакнувањето на стратешкото партнерство.
Кинескиот претседател Си рече дека Кина верува во британската економија по одлуката за излез од Европската Унија и се надева оти по Брегзит двете земји ќе воспостават добри билатерални трговски односи.