Adil Essabiti,Gülşen Topçu
13 Јуни 2019•Ажурирај: 14 Јуни 2019
ТУНИС (АА) - Министрите за надворешни работи на соседните земји на Либија - Тунис, Алжир и Египет, истакнаа дека кризата во Либија не може да се реши со воени средства и дека се против странска интервенција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тунискиот министер за надворешни работи, Хамис ал Џихинави, неговиот египетски колега Самих Шукри и министерот за надворешни работи на Алжир, Сабри Букадум, одржаа заедничка прес-конференција по нивниот состанок во главниот град Тунис.
Џихинави на прес-конференцијата истакна дека единственото решение за либиската криза е политичкото и дека се спротивставуваат на странска интервенција.
Повикувајќи ги страните во Либија на дијалог за решавање на кризата, Џихинави истакна дека во рамките на состанокот „иницијатива за решавање на кризата“, започната со соседните земји, донесена е одлука за соработка со Обединетите нации, со цел да се мобилизира меѓународната заедница за Либија.
Египетскиот министер за надворешни работи, Шукри, нагласи дека на состанокот се договориле за поддршка на напорите за изнаоѓање политичко решение за кризата и за поддршка на напорите во борбата против тероризмот.
Шукри истакна дека меѓународната заедница има одговорност за кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и обидите на некои органи да ги поддржат терористичките организации.
Министерот за надворешни работи на Алжир, Букадум, изрази незадоволство од судирите во главниот град Триполи кои траат веќе околу два месеца и од нападите на виталните цивилни институции, како што се аеродромите и болниците.
Букадум наведе дека тековните конфликти почнале да ги загрозуваат економските ресурси на либискиот народ, како што се капацитетите за производство на нафта и природен гас.
По прес-конференцијата, министрите за надворешни работи на трите земји (Тунис, Алжир и Египет) во заедничката писмена изјава, осудувајќи го протокот на оружје во Либија од регионалните сили, истакнаа дека трите земји ќе соработуваат во борбата против тероризмот.
Генерал Калифа Хафтар, лидер на воените сили од источниот дел на Либија, на 4 април издаде наредба за заземање на главниот град Триполи, по што единиците на Владата на национално единство на Либија ја започнаа операцијата „Буркан ал Гадаб“ (Вулкан на гневот).