Gülşen Topçu
16 Јануари 2020•Ажурирај: 17 Јануари 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Специјалниот претставник на ОН за Либија, Гасан Саламе, изјави дека верува оти на самитот во Берлин, што ќе се одржи на 19 јануари, ќе биде постигнато примирје во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мисијата на ОН во Либија (UNSMIL) на социјалните мрежи соопшти дека Саламе и неговата заменичка Стефани Вилијамс го посетиле Прифатниот центар за интерно раселени лица во местото Бин Ашур во јужниот дел на Триполи.
За време на посетата разговарале со лицата што се наоѓаат во Прифатниот центар, коишто се сместиле таму откако морале да ги напуштат своите домови поради судирите во Триполи.
Саламе во обраќањето пред новинарите изјави дека верува оти самитот во Берлин ќе биде успешен по прашањето за постигнување конечно примирје во Либија.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, ги повика лидерите на голем број земји и меѓународни организации на самитот за либиската криза што ќе се одржи на 19 јануари во Берлин.
На самитот се повикани САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Конго, Италија, Египет, Алжир, ОН, Европската Унија, Африканската Унија и Арапската лига.
Исто така се повикани и шефот на меѓународно признатата Влада за национално единство на Либија, Фајез ал Сараџ, и лидерот на нелегитимните вооружени сили во источниот дел на Либија, Калифа Хафтар.