Ekipa
14 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
КАРАЧИ (АА) - Американскиот специјален претставник за Авганистан, Залмај Халилзад, денес пристигнува во Исламабад за да дискутира за последните случувања во врска со интраавганистанските мировни преговори со пакистанските официјални претставници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Халилзад ќе се состане со највисокото цивилно и воено раководство на Пакистан за да разговара за начините на понатамошното водење на дијалогот“, објави локалниот радиодифузер „Гео њуз“ („Geo News“), цитирајќи извори од Министерството за надворешни работи.
Откако беше контактиран, портпаролот на Министерството за надворешни работи, Захид Хафиз Чаудри, одби да ги потврди или негира наводите.
Посетата на Халилзад, која доколку биде потврдена, ќе биде 12-та за помалку од две години, следува по почетокот на долгоочекуваните интраавганистански преговори кои започнаа во саботата во Доха, чија цел е да се стави крај на 18-годишната војна во Авганистан.
Главните мировни преговори следуваат по договорот меѓу САД и талибанците, постигнат во февруари. Двете страни имаат за цел политичко помирување и крај на децениското насилство.
Преговорите ќе се осврнат на тешките прашања што ќе вклучат услови за трајно примирје, уставни измени и поделба на власта.
Во декември 2018 година, Пакистан организираше и ретки директни преговори меѓу Вашингтон и талибанците, отворајќи го патот за мировниот договор во Доха меѓу двете страни.
Пакистан, исто така, помогна во историскиот прв круг директни разговори меѓу авганистанската Влада и талибанците во Исламабад во јули 2015 година. Процесот пропадна откако талибанците објавија смрт на нивниот долгогодишен водач Мула Омар, што предизвика остра внатрешна борба за моќ.