Sayed Khodaiberdi Sadat
27 Декември 2021•Ажурирај: 28 Декември 2021
КАБУЛ
Администрацијата на талибанците во Авганистан соопшти дека САД сѐ уште се во војна со Авганистан од аспект на политиката и економијата, известува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-министерот за надворешни работи на привремената влада на талибанците, Шир Мохамед Абас Станикзеј, на церемонијата во главниот град Кабул рече дека САД биле воено поразени во Авганистан, но сѐ уште се борат во политиката и економијата.
Наведувајќи дека САД не треба да се мешаат во внатрешните работи на Авганистан, Станикзеј истакна: „САД го нападнаа Авганистан преку ден во 2001 година, а од земјата избегаа ноќе во 00:00 часот.“
Опишувајќи го како брутален чин американското замрзнување на авганистанските резерви, Станикзеј истакна дека ова е интервенција во внатрешните работи на земјата.
Станикзеј исто така нагласи дека светската хуманитарна помош за Авганистан не е доволна и не може да реши ниту еден процент од сегашните тешкотии со кои се соочуваат.
Повикувајќи границите да бидат отворени во вакви критични моменти за да Авганистан може да тргува со соседите, Станикзеј побара и олеснување на визниот режим за Авганистанците.
„Ние сакаме да воспоставиме добри односи со сите земји. Меѓутоа, светот, а особено САД не сакаат да се формира независна влада во Авганистан, затоа тие не се подготвени да прават компромиси со талибанската администрација“, додаде Станикзеј.
Наведувајќи дека привремената талибанска влада работи самостојно веќе четири месеци, Станикзеј подвлече дека талибанските сили исто така обезбедуваат безбедност без да земаат плата во овој период и дека тоа треба да се цени.
Посочувајќи дека жените во земјата имаат право на работа и образование, Станикзеј рече дека културата на Авганистан е различна од културата на западните земји.
Иако поминаа речиси 4 месеци откако талибанците ја соопштија привремена влада, ниту една земја се уште официјално не ја признала талибанската влада.
Само Пакистан, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати официјално ги признаа Талибанците во 1996-2001 година кога доминираа во Авганистан.
- Економската криза во земјава
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) на 8 декември соопшти дека хуманитарната ситуација во земјата се влошува.
Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, прекината е странската хуманитарна помош за земјата.
Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Федералните резерви на САД, исто така, го прекинаа пристапот на Авганистан до меѓународните фондови.
Експертите предупредуваат дека земјата забрзано се движи кон економска катастрофа.
Американската администрација ги замрзна резервите на авганистанската Влада во американските банки.
Според податоците на Обединетите нации, се проценува дека 22,8 милиони луѓе, што е повеќе од половината од населението, ќе имаат проблеми да стигнат до храна во Авганистан оваа зима.
Меѓу другото, американскиот Стејт департмент и Министерството за финансии на 22 декември соопштија дека одлучиле да ги ослободат од санкции претставниците на САД и на ОН кои работат со талибанците со цел да се олесни протокот на хуманитарна помош во Авганистан.
Во соопштението се наведува дека Канцеларијата за контрола на странски имот при Министерството за финансии на САД (OFAC), издаде 3 општи лиценци за олеснување на протокот на хуманитарна помош и друга поддршка за авганистанскиот народ.