Mustafa Talha Öztürk
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
БЕЛГРАД
Србија денес официјално влезе во нова фаза од преговорите за пристап во Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На конференцијата во де-факто главниот град на ЕУ, Брисел, отворајќи го Кластерот четири во разговорите, присуствуваа српската премиерка Ана Брнабиќ и министерката за интеграција во ЕУ, Јадранка Јоксимовиќ, како и високи претставници од земјите членки на ЕУ.
Оливер Вархеји, европскиот комесар за соседство и проширување, изрази задоволство од напредокот на Србија кон пристапувањето во Блокот.
„Многу сум задоволен што денеска отворивме преговори за кластер поглавјата за прв пат. Со тоа Србија презема уште еден многу важен чекор за пристапување во Европската Унија“, рече тој.
„Денешниот состанок испраќа силен политички сигнал од ЕУ за нејзината посветеност кон пристапувањето на Србија во ЕУ. Тоа испраќа многу јасна и моќна порака дека ЕУ се засили со зелената агенда за доброто на сите граѓани.“
Србија официјално стана кандидат за ЕУ во 2012 година, а нејзините пристапни преговори започнаа во 2014 година.
Брнабиќ го нарече овој потег пресвртница за европската интеграција на Србија.
„Денес е голем и важен ден за Србија, за нашата интеграција во Европската Унија. Тоа е многу важен, голем чекор и голем успех за Србија“, рече таа.
Кластерот четири, кој ја опфаќа зелената агенда и одржливото поврзување, ги вклучува поглавјата за транспортна политика, енергија, трансевропски мрежи и животна средина и климатски промени.
Одлуката за отворање на Кластерот четири во преговорите со Србија беше потврдена на 8 декември на редовниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел.
Јоксимовиќ тогаш рече дека со отворањето на тој кластер, Србија ќе има дополнителна можност да аплицира за сите проекти од областа на заштитата на животната средина, обновувањето на биолошката разновидност и подобрувањето на квалитетот на воздухот, водата и почвата.
Србија во досегашните преговори со Европската Унија отвори 22 од вкупно 35 поглавја, од кои две се привремено затворени.