Muhammed Emin Canik
08 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
БУЕНОС АИРИС (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро во палатата во Каракас го прими шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој престојува во официјална посета на латиноамериканската земја зафатена со криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во посета на Венецуела допатува по посетата на Мексико и на Куба, а по средбата во палатата Мирафлорес, рускиот министер рече дека со Мадуро имал многу конструктивен и доверлив разговор.
„Русија ја поддржува Владата во Венецуела, а билатералната соработка е интензивирана со минатогодишниот состанок на двајцата претседатели Владимир Путин и Николас Мадуро во Москва“, рече Лавров.
Венецуела од почетокот на минатата година е средиште на една од најдлабоките политички кризи во историјата на земјата. Ескалацијата на кризата започна со протести кои почнаа откако Мадуро положи заклетва за втор претседателски мандат што го освои на изборите, кои ги бојкотираше опозицијата.
Претседателот на Националното собрание на Венецуела и лидер на опозицијата, Хуан Гваидо, на 23 јануари минатата гоидна се прогласи за вршител на должноста привремен претседател на државата.
Тој потег го поддржаа Соединетите Американски Држави (САД) и некои европски и латиноамерикански земји. Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро и неговата администрација како легитимни претставници на Венецуела.