Şerife Çetin
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
БРИСЕЛ (АА) - Комесарката на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, денес во Брисел организираше неформален трилатерален состанок со претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќинот на состанокот, Могерини, изјави дека процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина влегол во нова фаза и оти ЕУ ќе продолжи да го поддржува тој дијалог и спроведувањето на претходно постигнатите догвовори меѓу двете страни.
Српскиот претседател Вучиќ по состанокот изјави дека за односите меѓу Белград и Приштина мора похрабро и посериозно да се разговара, и додаде оти побарал да се забрза процесот на интеграција на Србија во ЕУ.
„Првпат го барав тоа на таков начин, експлицитно. Мислам дека добивме разбирање од Могерини, дека точно знаеме кога можеме да станеме членка, а не да бидеме како гуски во магла кои сигурно ќе го пронајдат вистинскиот пат, но да не знаат кога се завршува“, изјави Вучиќ.
И претседателот на Косово, Тачи, истакна дека продолжувањето на дијалогот со Белград и со Брисел е приоритет за Косово и оти ќе продолжат да работат за косовските институции да бидат единствени во тој контекст. Тој ги повика сите политички опции во Косово на единство во процесот за нормализација на односите со Белград.
„Уверен сум дека помирувањето меѓу Србите и Албанците е нешто што може да се постигне. Тоа е во интерес на Косово, Србија и на целиот регион. Косово ќе биде сосема посветено на тоа и ќе се однесува одговорно“, порача Тачи.
Процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ започна во 2011 година, а последниот состанок на делегациите е одржан на почетокот од оваа година. Во меѓувреме, во Србија се одржани претседателски, а во Косово парламентарни избори.