Emre Gürkan Abay,Ruslan Rehimov
26 Ноември 2021•Ажурирај: 26 Ноември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се состанаа денес во Сочи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин за време на состанокот изјави дека политичките и трговските односи меѓу двете земји продолжуваат да се развиваат, и дека обемот на трговската размена меѓу двете земји се зголемил за 11 отсто во првите девет месеци оваа година во однос на истиот период минатата година.
„Русија и понатаму останува еден од главните трговски партнери на Азербејџан“, рече Путин.
Наведувајќи дека проблемите во Карабах продолжуваат, Путин додаде: „Руските мировни сили играат позитивна улога во регионот. Ефикасно работи и турско-руската заедничка опсерваторија. За жал, има инциденти и загуби во регионот.“
Наведувајќи дека за Карабах детално ќе се разговара на денешниот троен Самит, на кој ќе присуствува и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, Путин рече: „Денеска се собравме да ги создадеме потребните услови за луѓето да живеат во мир во Карабах и да го развиваат регионот. Ќе видиме што е направено, што може да се направи.“
Алиев рече дека е задоволен од развојот на односите меѓу Азербејџан и Русија.
Изразувајќи жалење за пожарот во рудникот за јаглен во руската област Кемерово, Алиев изрази сочувство и за загубата на животите. Тој ги окарактеризира односите со Русија како стратешко партнерство, додавајќи дека се фокусираат на натамошен развој на односите.
Алиев изјави дека имаат имплементирано седум Мапи на патот со Русија, кои ги опфаќаат економијата, транспортот и хуманитарната област.
Тој се осврна и на тензиите со Ерменија.
„Немаше сериозни конфликти или инциденти во регионот под контрола на руските мировни сили во текот на една година. Имаше помали инциденти кои не претставуваат системска криза. Судирите се случија на азербејџанско-ерменската граница. Но, ова не е територија под одговорност на руските мировни сили. Секако, мораме и за тоа да разговараме. Мораме да разговараме за контрола и минимизирање на ризикот“, изјави Алиев.
По билатералната средба на Путин и Алиев, денеска во Сочи е планирана трилатерална средба со учество на Пашинјан.