ИСТАНБУЛ (АА)
- Мухамет ТАРХАН / Назли ЈУЗБАШИОГЛУ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија треба да сфати дека во нуклеарна војна нема да има победник и дека Украина има право да се брани, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Мораме да разбереме дека оваа војна ја започна Путин (претседателот на Русија). Тоа е негов избор. Доколку сака, може утре да ја заврши“, рече Столтенберг за Агенција Анадолија во Истанбул.
АА: Ја видовме пораката што ја споделивте по состанокот со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Која беше најважната порака што ја добивте?
СТОЛТЕНБЕРГ: Најважната порака, се разбира, беше дека и двајцата се сложивме околу важноста на поддршката на Украина и завршувањето на оваа руска војна против Украина. Им се заблагодарив на претседателот Ердоган и на Туркије на нивните напори што ги вложија, како за поддршката кон Украина, така и кон олеснувањето на договорот за извоз на жито од Украина. Тоа помага за намалување на цената на храната и важно е за целиот свет, особено за сиромашните земји. Туркије одигра клучна улога во овозможувањето на тоа.

АА: Го посетивте Чанаккале. Како се чувствувавте?
СТОЛТЕНБЕРГ: Ми беше голема чест да заминам таму со министерот за национална одбрана Хулуси Акар, да ги видиме спомениците и да се присетиме на важноста од сочувување на мирот и спречување на војната. Токму затоа НАТО постои, за да го одржува мирот. Затоа мораме да застанеме рамо до рамо во НАТО, за да обезбедиме да не биде нападнат ниту еден од нашите НАТО-сојузници.
АА: Дали внатре во НАТО постојат членки кои не сакаат да запре војната меѓу Русија и Украина, туку да ја продолжат, така што Русија ќе биде исцрпена? Како тоа влијае на НАТО? Гледате ли дека сите членки се согласуваат дека војната треба веднаш да заврши?
СТОЛТЕНБЕРГ: Се разбира дека сите сакаат оваа војна да заврши, но мораме да разбереме што е тоа. Ова е офанзивна војна. Русија, Путин окупира друга земја. Се разбира, Украина има право да се брани за да повторно ги врати териториите што Русија ги зазеде. Мораме да разбереме дека Путин ја започна оваа војна, тоа беше негов избор и тој може утре да ја заврши оваа војна доколку сака. Во исто време, мораме да сфатиме дека ќе имаме мир ако Путин и Русија престанат да се борат. Доколку Зеленски [претседателот на Украина] и Украина престанат да се борат, Украина ќе престане да постои како независна и суверена нација. Затоа имаме одговорност да ја поддржиме Украина, да ѝ овозможиме да се брани. Се разбира, верувам дека оваа војна во некоја фаза ќе заврши на преговарачка маса, но исто така знаеме дека она што Украина може да го постигне на преговарачка маса зависи од силите на бојното поле. Значи, доколку сакаме Украина да остане независна нација, мораме да ѝ пружиме воена поддршка на Украина, да ја зајакнеме и максимално да ја зголемиме можноста за прифатливо решение или преговори за Украина.
АА: Доколку Финска и Шведска влезат во НАТО, дали технички ќе биде возможно распоредување на нуклеарните капацитети на организацијата во овие земји?
СТОЛТЕНБЕРГ: Немаме планови да го менуваме нашиот нуклеарен став и распоредување, така што тоа не е проблем. НАТО е одбранбен сојуз. Се разбира, ги поздравуваме сите НАТО-сојузници, вклучувајќи ја и Туркије, да ги повикаат Финска и Шведска да ѝ се приклучат на Алијансата на нашиот самит во Мадрид. Покрај тоа, Туркије, Финска и Шведска усвоија заеднички меморандум. Сега видовме и дека Финска и Шведска спроведуваат јакнење на законот за борба против тероризмот, отстранувајќи ги сите ограничувања за извоз на оружје во Туркије. Создадовме постојан механизам, структура во која Туркије, Финска и Шведска се состануваат и заедно работат на многу други прашања во борбата против тероризмот. Затоа мислам дека е време да го ратификуваме договорот за пристап што го потпишавме во јули и да го завршиме процесот на пристапување.
АА: Светот не може да ја заборави опасноста од нуклеарна војна. Има ли НАТО капацитет да ги заштити своите членки од такво сценарио на катастрофа?
СТОЛТЕНБЕРГ: НАТО е најсилен сојуз во историјата. НАТО претставува 50 отсто од светската воена моќ. Се разбира дека сме подготвени да ги заштитиме и браниме сите сојузници на НАТО. Ова е да спречиме судир, а не да предизвикаме судир. Апсолутно е јасно дека Алијансата ќе одговори со основната мисија на НАТО „сите за еден, еден за сите“. Тогаш можеме да одржуваме мир и да спречиме војна. Она што го гледаме од Русија е безобзирно опасна нуклеарна реторика. Русија мора да сфати дека нуклеарната војна нема победник, дека никогаш не треба да се води и дека ќе има сериозни последици по Русија. Значи, секоја употреба на нуклеарно оружје е нешто што Русија би требало апсолутно да го спречи.
АА: И покрај изјавите на Путин, дали веројатноста дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје во Украина, по ваше мислење е и понатаму голема?
СТОЛТЕНБЕРГ: Веројатноста дека Русија ќе користи какво било нуклеарно оружје уште е мала, но во исто време, последиците се големи и разорни. Затоа мораме ризикот да го сфатиме сериозно. Затоа внимателно следиме што прави Русија. Не видовме никаква промена, но ќе продолжиме да ја набљудуваме и внимателни сме, бидејќи мораме да ја спречиме Русија да користи нуклеарно оружје во Украина.

АА: Познато е дека НАТО ѝ дава помош на Украина, како што се безбедна комуникација, беспилотни системи и гориво. Мислите ли дека природата на оваа помош сега треба да се претвори во тешко вооружување? Постојат ли големи барања на вашите членови во тој поглед?
СТОЛТЕНБЕРГ: НАТО-сојузниците и НАТО ѝ даваат на Украина многу различни видови поддршка. Поддршката за Украина во вид на гориво, зимска облека, комуникациски системи се од големо значење, но се разбира дека се важни и смртоносното оружје и тешкото вооружување. Ги поздравувам и НАТО-сојузниците, на Украина да ѝ обезбедат тешко и модерно вооружување, оклопни возила, артилерија со долг дострел и системи со долг дострел.
Овие резерви и модерните системи на вооружување прават разлика на бојното поле од ден на ден. Победите на украинската војска на бојното поле, се разбира, им припаѓаат на украинските војници и нивната секојдневна храброст, но се разбира дека поддршката што ја добија од НАТО-сојузниците и партнерите овозможија да ги вратат загубените територии да ја одржат динамиката во војната.
news_share_descriptionsubscription_contact
