Ahmet Dursun
05 Ноември 2022•Ажурирај: 06 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Емир Абдулахијан рече дека неколку месеци пред почетокот на војната во Украина, во Русија испратиле одреден број беспилотни летала (UAV), но дека не се точни наводите дека на таа земја ѝ се испорачани ракети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Тврдењата на некои западни земји за проектилите потполно се погрешни, а некои прашања во врска со беспилотните летала се точни. Одреден број беспилотни летала се испорачани во Русија повеќе месеци пред војната во Украина“, вели Абдулахијан во веста на агенцијата ИРНА.
Шефот на иранската дипломатија изјави дека се подготвени да ги истражат наводите дека овие беспилотни летала се користени во војната во Украина.
„Се разбира, доколку ни докажат дека Русија ги користела иранските беспилотни летала во војната во Украина, нема да бидеме рамнодушни по ова прашање“, рече Абдулахијан.
Тој истакна дека на состанокот со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба зборувале да им се предочат доказите.
Абдулахијан додаде дека е планирана средба на која ќе учествуваат експерти на двете земји за оваа тема, и дека Украина во последен момент се откажала од учеството на состанокот поради притисокот на САД и Германија.
Американскиот советник за национална безбедност, Џек Саливан, во изјавата дадена во Белата куќа на 11 јули рече дека имаат разузнавачки податоци дека Иран наскоро во Москва ќе испрати беспилотни летала, вклучувајќи и вооружени, за војната во Украина и дека ќе им даде обука на руските војници за ракувањето со беспилотните летала.
Администрацијата на Киев објави дека рускиот напад на главниот град Киев на 17 октомври е изведен со беспилотни летала камикази од типот Шахид-136, што на Русија ѝ ги подарил Иран, и најави дека се подготвува да ги прекине дипломатските односи со Иран.
По оваа изјава портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, ги отфрли наводите дека ирански беспилотни летала се користени во Украина.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави вест што се базира врз информации на американски и западни безбедносни службеници, дека Иран се согласил да ѝ испрати на Русија проектили и вооружени беспилотни летала.