Ekipa
12 Октомври 2022•Ажурирај: 13 Октомври 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе ја потврдат својата цврста поддршка за Украина на дводневниот состанок што започнува денеска во Брисел, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
Украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников, ќе ги информира своите колеги за време на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
„Подготвени сме за долги патеки и ќе ги поддржуваме онолку долго колку што ќе биде потребно“, изјави Столтенберг за новинарите, нагласувајќи дека војната ја доживува „најсериозната ескалација од февруари“.
Тој истакна дека министрите ќе разговараат за начините за засилување на поддршката, нагласувајќи дека главниот приоритет на НАТО е зајакнувањето на воздушната одбрана на Украина.
„Дискусиите, исто така, ќе се фокусираат на зајакнување на отпорноста на НАТО и заштитата на клучната инфраструктура земајќи ги предвид нападите врз гасоводот „Северен тек““, додаде тој.
Столтенберг уште еднаш ги осуди руските ракетни напади врз цивилното население и инфраструктурата во Украина, нарекувајќи ги ужасни и беспоштедни.
Одговорот на НАТО на руските нуклеарни закани, мерките за зајакнување на одговорот и одбраната на Алијансата, како и иднината на мисиите на НАТО, исто така, ќе бидат дел од агендата на дводневните разговори.