Şerife Çetin
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
ДАВОС (АА) - Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг, изјави дека Република Турција е важен сојузник на организацијата и дека е неопходно да се сфати важноста на нејзиното членство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг имаше обраќање на панелот „Иднината на НАТО“, што се одржа во рамкте на 50. Светски економски форум што се одржува во Давос, Швајцарија.
На панелот присуствуваше и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, а меѓу темите беа и киберзаканите и руската испорака на одбранбениот систем „S-400“ на Турција.
Првиот човек на НАТО рече дека за идејата за формирање работна група за надминување на несогласувањата во врска со турската набавка на авионите „F-35“ и системот „S-400“, разговарал со турскиот и со американскиот претседател, и со шефот на турската дипломатија, Чавушоглу.
„Подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го решиме тој проблем“, рече Столтенберг.
Истакнувајќи дека во рамките на НАТО неопходно е решавање на прашањето за набавката на системот „S-400“ од страна на Турција, Столтенберг рече дека Турција поради многу нешта е многу важен сојузник на НАТО.
„Турција, која придонесува за мисиите и операциите на НАТО, имаше многу важна улога во нашата победа над терористичката организација ДЕАШ“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека Турција му ги отстапила на НАТО своите бази во текот на борбата против ДЕАШ во Сирија и Ирак.
„Мораме да ја сфатиме важноста на членството на Турција во НАТО“, порача Столтенберг.
Коментирајќи ги актуелните киберзакани во светот, Столтенберг рече дека е тешко да се сфати колку и како технолошкиот развој ја промени природата на војување, и додаде дека НАТО поради тоа одвоило големи инвестиции за технологијата.
Нагласувајќи дека НАТО придава голема важност на јакнењето на киберодбраната, Столтенберг рече дека и кибернапад на која било членка може да предизвика имплементација на членот за колективна одбрана.
Столтенберг исто така рече дека е од исклучителна важност и вредно за спомнување тоа што НАТО го зачува мирот, и покрај сите непредвидливи предизвици со кои се соочувало во тој период.