Barış Seçkin
14 Мај 2020•Ажурирај: 15 Мај 2020
РИМ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека не може да се сметаат за еднакви силите на Калифа Хафтар и Владата на либискиот премиер Фајез ал Сараџ која е призната од страна на Обединетите нации (ОН), и додаде дека НАТО е подготвено да ја поддржи Владата во Триполи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг за италијанскиот весник „Ла Република“ (La Repubblica) зборуваше за случувањата во Медитеранот.
Тој напомена дека НАТО се состои од 30 земји сојузнички и во многу ситуации секоја земја може да заземе различна позиција.
„Ги поддржуваме напорите на ОН за воспоставување мир во Либија и Сирија“, рече Столтенберг.
Стонтенберг порача дека сите страни во Либија мора да го почитуваат ембаргото за оружје и додаде дека силите на Хафтар и Владата на Серач не може да се сметаат за еднакви.
„Подготвени сме да ја поддржиме Владата во Триполи“, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО рече дека Русија и Кина, преку помошта на Италија во борбата против коронавирусот, вршат пропаганда и масовна дезинформација со цел да ја искриват вистината.
На прашањето дали премиерот на Италија, Џузепе Конте, направил грешка со прифаќањето на помошта од Русија, Столтенберг одговори дека сојузниците во НАТО се подготвени да си помогнат едни на други, но дека одлуката за помош ја донесуваат владите.
„Важно е ваквите видови помош да не се користат за дезинформирање“, заклучи Столтенберг.