Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утре се очекува да пристигне во тридневна посета на Туркије, соопшти Министерството за надворешни работи на Туркије, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството истакна дека Столтенберг ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и министерот за национална одбрана, Хулуси Акар.
Се очекува фокусот на разговорите да биде продолжувањето на истанбулскиот Договор за жито и кандидатурата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во јуни оваа година, одлука поттикната од руската војна против Украина. Сепак, како членка на НАТО, Туркије изрази приговори за нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги Шведска и Финска дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
Трите земји потпишаа трилатерален Меморандум за разбирање на јунскиот Самит на НАТО во Мадрид, со кој се предвидува дека Финска и Шведска повеќе нема да даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК или на терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за воен удар во Туркије.
Турскиот претседател Ердоган предупреди дека Туркије нема да го одобри членството на скандинавските земји додека не се реши загриженоста на Анкара.
Финска и Шведска, исто така, се согласија да ги решат неодговорените барања на Анкара за депортација или екстрадиција осомничените за тероризам.
Турскиот Парламент мора да го ратификува одобрението за пристапување на Шведска и Финска во НАТО.