Ekip
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
ЛОНДОН (АА) - Данскиот владејачки лев блок обезбеди мнозинство на општите избори одржани вчера (вторник), што се гледа како глас на доверба на премиерката Мете Фредериксен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Левиот „црвен блок“ предводен од Фредериксен, ќе формира нова влада со 90 места во Парламентот од вкупно 179 места.
По изборната ноќ, до крајот беше неизвесно дали владејачкиот „црвен блок“ или десничарскиот „син блок“ ќе обезбеди мнозинство.
Не само што победи „црвениот блок“, туку Социјалдемократите го добија и својот втор мандат и ја задржаа позицијата на партијата како најголема во Парламентот.
Ова е нејзиниот најдобар резултат во последните две децении.
И покрај победата, Фредериксен ќе се соочи со тешки владини преговори со оглед на тоа што се залагаше за широка коалиција при традиционалниот јаз меѓу левицата и десницата.
Опозицискиот лидер Јакоб Елеман-Јенсен од Либералната партија и неговиот „син блок“ загуби 19 од своите 43 места во Парламентот.
„Синиот блок“ се подели и е без јасен лидер.
Иако новоформираните Модерати на поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен влегоа во Парламентот со 16 пратенички места, тој не успеа да ја добие клучната улога на кингмејкер меѓу блоковите на која се надеваше.
Премиерката беше принудена да свика предвремени избори по скандалот со колењето на 17 милиони визони во Данска во 2020 година.
Таа беше обвинета од опозициските партии за кршење на законот, а беше заклучено дека нејзината одлука за убивањето на визоните поради страв од проширување на Ковид-19 на фармите нема правна основа.