Ekip
23 Мај 2018•Ажурирај: 23 Мај 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја во последен момент ѝ дозволија на група јужнокорејски новинари да присуствува на затворањето на полигонот за нуклеарни тестирања во Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вчера група странски новинари со авион од Кина отпатува во Северна Кореја за да го следи историскиот чин на затворање на нуклеарниот полигон „Пунгјери“, а осум јужнокорејски новинари дури утринава добија зелено светло и директно ќе патуваат од Сеул.
„Го поздравуваме одобрувањето за нашите новинари да патуваат во Северна Кореја“, соопшти портпаролот на јужнокорејското Министерство за обединување, Баик Тае Хјун.
Властите на Северна Кореја претходно најавија, дека во зависност од временските услови, од денес до петок ќе го уништат полигонот „Пунгјери“ на кој се извршени сите шест севернокорејски нуклеарни тестови.
Во екот на минатомесечната релаксација на односите меѓу двете Кореи, на тој настан беа повикани и странски медиуми, вклучувајќи и група од Сеул. Меѓутоа дојде до пресврт на ситуацијата минатата недела кога Северна Кореја го запре дијалогот со Сеул на највисоко ниво поради воени вежби на Јужна Кореја во кои учествуваат и силите на САД, а кои Пјонгјанг ги смета за провокативни.
Официјален Сеул и вчера се обиде да стапи во контакт со Пјонгјанг и да испрати новинари, но барањето е прифатено дури утринава.
Јужнокорејскиот ресорен министер Чо Мјонг Гјон, се надева дека последните потези на Северна Кореја нема да го загрозат одржувањето на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, кој е најавен за 12 јуни во Сингапур.