Zehra Ulucak
13 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Лидерката на Мјанмар, Аун Сан Су Чи, денес застана во одбрана на изречените затворски казни за двајцата новинари на агенцијата „Ројтерс“, кои го истражуваа военото погубување на припадниците на муслиманското малцинство Рохинџи во мјанмарскиот регион Аракан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Телевизијата „Би-би-си“ (BBC) јавува дека шефицата на дипломатијата и де факто, челничката на извршната власт во Мјанмар, Су Чи, изјавила дека новинарите Ва Лон и Куав Сое О заслужено добиле по седум години затвор, бидејќи ги кршеле законите на Мјанмар. Таа додаде дека тоа нема поврзаност со слободата на говор.
Таа на Светскиот економски форум во виетнамскиот Ханој изјави дека пресудите на споменатите двајца само го потврдуваат владеењето на правото во Мјанмар.
„Не се тие фрлени во затвор затоа што се новинари. Осудени се во Суд бидејќи го прекршиле Законот за државни тајни“, изјави Су Чи, и додаде дека не го читала комплетниот текст на пресудата.
Судот во Јангон ги осуди двајцата новинари на 3 септември, а претходно тие поминале една година во притвор. Голем број земји и организаци од целиот свет го осудија затворањето на новинарите во Мјанмар.