Suheir K. M. Alkharraz,Hafawa Rebhi
23 Февруари 2019•Ажурирај: 24 Февруари 2019
КАРТОУМ (AA) - Претседателот на Судан, Омар ал Башир, прогласи вонредна состојба низ земјата на една година, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на нацијата преку телевизија, Ал Башир исто така најави и распуштање на федералната и на државната Влада и порача дека внимателно ќе го следи извршувањето на своите одлуки.
Потсетувајќи на клучната улога на вооружените сили во заштита на татковината и народот, претседателот на Судан ги повика сите политички партии, вооружените движења и младите да се вклучат во дијалогот.
Го повика суданскиот Парламент да ги одложи уставните амандмани кои би му овозможиле да се кандидира за уште еден мандат на претседателските избори во 2020 година.
„Најавив дека националниот дијалог ќе продолжи и го повикав Парламентот да ги одложи уставните амандмани“, рече Ал Башир.
Во меѓувреме, демонстрантите на улиците на Картум го повикаа претседателот Ал Башир веднаш да поднесе оставка.
Во Судан се одржуваат протести од декември на кои се бара од актуелниот претседател да отстапи од власта.
Според податоците на активистите, најмалку 57 лица смртно настрадале, додека властите тврдат дека се работи за 30 настрадани во нередите.
Ал Башир, кој е на власт од 1989 година, претходно најави дека ќе се кандидира за уште еден мандат, додавајќи дека раководството на земјата може да се смени единствено на избори.