Hasan Esen
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
МАДРИД (АА) - Педесет и две лица се повредени, од кои 4 полицајци, а три лица се приведени во демонстрациите што ги започнаа поддржувачите на независноста, по приведувањето на поранешниот претседател на каталонската автономна управа, Карлес Пучдемон, јавува Anadolu Agency (AA).
Десетици илјади сепаратисти по апелот на политичките партии и невладините организации поддржувачи на независноста, излегоа на улица во каталонските градови Барселона, Хирона, Лерида и Тарагона.
Според веста на шпанската новинска агенција ЕФЕ, околу 56.000 лица учествувале на двата протести, од кои едните се одржаа пред германскиот Конзулат во Барселона, а другите пред зградата на локалната влада.
На демонстрациите во Барселона демонстрантите маршираа кон зградата на автономната управа која е под контрола на централната влада. Полицијата го блокираше патот и интервенираше со пендреци врз сепаратистите кои сакаа да маршираат кон владината зграда.
Демонстрантите во Лерида успеаја да ја преминат полициската барикада и се обидоа да влезат во зградата на автономната управа во градот. Демонстрантите во последен момент беа спречени од полицијата.
Од друга страна, на демонстрациите во Хирона каде што Пучдемон извесно време ја вршеше функцијата градоначалник, учествуваа околу 10.000 лица, но немаше тензии.
- Повредени 52 лица, а три приведени -
Стотици лица во Саљент и Тарагона ги блокираа меѓуградските патишта со што предизвикаа создавање долги колони од возила.
На ѕидовите во близина на куќата на Пабло Љарена, судија во Врховниот суд кој ја донесе одлуката за апсење на Пучдемон и другите каталонски лидери, која се наоѓа во каталонскиот град Дас, беше напишано „фашист“. Врховниот судски совет на Шпанија го осуди овој акт, и побара од Министерството за внатрешни работи да преземе мерки.
Здравствените власти во Каталонија соопштија дека 4 полицајци и 46 демонстранти биле повредени во Барселона, а двајца демонстранти во Лерида.
Во полициската интервенција беа приведени 3 лица.
- Апел за штрајк -
Елисенда Палусие, претседателкa на Каталoнската национална унија (ANC), која е сепаратистичка невладина организација, изјави дека се надева оти Германија нема да го предаде избраниот претседател на една авторитарна правда која ги манипулира сите вистини.
Членот на екстремно левичарската партија Кандидатура за народно единство (CUP), Карлес Риера, упати апел за генерален штрајк, барајќи „стопирање“ на Каталонија.
Поранешниот претседател на Каталонската автономна управа, Пучдемон, за кој беше распишана потерница за апсење низ Европа, вчера беше приведен во Германија, и беше пренесен во затвор во градот Нојминстер, близу Кил.
- Процес -
Каталонскитe политичари кои беа обвинети за „бунт против државата“ поради нивната улога во нелегалниот референдум на 1 октомври и во едностраното прогласување независност на 27 октомври, избегаа од земјата.
Врховниот суд на Шпанија во петокот распиша потерница низ Европа за апсење на Пучдемон и четворица членови на неговиот кабинет, и за апсење на Марта Ровира, генерална секретарка на Републиканската левица на Каталонија (ERC).
Во случај да бидат прогласени за виновни, се предвидува сепаратистичките каталонски политичари да се соочат со затворска казна до 30 години.
Девет од 25-те каталонски политичари кои беа осудени поради прогласувањето независност се притворени, 9 од нив биле пуштени на слобода со кауција, а седум од нив избегале од земјата.