Ekipa
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на регионалната влада на Каталонија, Раул Ромева, побара поддршка од Европската Унија (ЕУ), пред референдумот за независност на покраината, кој е забранет со одлука на Уставниот суд на Шпанија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ромева за време на својата посета на Брисел рече дека институциите на ЕУ треба да разберат оти ова е голема работа.
Министерот за надворешни работи на Каталонија ја обвини шпанската Влада за „брутален напад“ на каталонските претставници за да го спречи референдумот на 1 октомври.
Тој истакна дека не очекува насилство, бидејќи, како што рече, не е во каталонската ДНК политичките проблеми да се решаваат со насилство.
Изјавата на каталонскиот претставник дојде еден ден откако претседателот на покраината, Карл Пучдемон, ја обвини ЕУ дека ѝ го врти грбот на Каталонија во спорот со Владата во Мадрид.
Каталонија има околу 5,5 милиони жители со право на глас. Анкетите покажуваат дека повеќето жители на Каталонија го поддржуваат референдумот, но оти се и приближно рамномерно поделени кога станува збор за независноста од Шпанија.