Islam Uddin
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Талибанското движење во Авганистан го затвори Граничниот премин „Торкхам“ за пешаци, главниот премин на границата со Пакистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван официјален претставник на граничната служба за АА во телефонски разговор изјави дека затворањето на пешачкиот премин на границата следувало откако првобитно се барало на сите државјани на Авганистан насобрани на границата да им се дозволи влез на пакистанската страна, што пакистанските власти го одбија.
Стотици авганистански граѓани се собраа на границата за да влезат во Пакистан, по гласините дека Исламабад ја отвора својата граница, која е затворена од јули поради наглиот пораст на случаите на Ковид-19 во таа земја.
„Им помагаме на заболените лица и им дозволуваме да влезат на лекување во пакистанските болници“, изјави официјалниот претставник, додавајќи дека официјален Исламабад исто така им помага на евакуираните лица кои заминуваат во трети земји.
Неколку новинари на пат кон Кабул исто така останаа на пакистанската граница откако талибанците ја затворија за пешаците од Пакистан, додека прекуграничните трговски активности се одвиваат непречено.
Од 15 август, кога талибанците ја презедоа контролата врз Кабул, повеќе од 30.000 Авганистанци се вратија во својата татковина преку Граничниот премин „Торкхам“ од Пакистан, а околу 4.000 влегоа во Пакистан.
Сепак, Пакистан продолжува да им забранува на своите граѓани да влегуваат во Авганистан, откако ја собори поранешната авганистанска Влада во Кабул.