Nuri Aydın
19 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
МАНИЛА (АА) - Бројот на загинати во поплавите предизвикани од тајфунот Раи, кој го погоди централниот дел на Филипините, се искачи на 121, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Локалните медиуми наведуваат дека брзината на тајфунот достигнала 195 километри на час.
Официјални претставници соопштија дека бројот на загинати во поплавите предизвикани од тајфунот пораснал на 121, а 13 лица се повредени.
Властите во соопштението наведуваат дека тајфунот, кој ги погоди централните делови на земјата, предизвикал прекин на електричната енергија и големи штети во многу региони.
Арлин Баг-ао, гувернерката на островот Динагат, едно од подрачјата погодени од тајфунот, изјави дека островот на кој живеат 180.000 лица е разорен.
Обилниот дожд и ветерот предизвикани од тајфунот доведоа до паѓање на дрвја и поплави на многу места.
Властите, исто така, наведоа дека 300.000 селани биле евакуирани во побезбедни подрачја пред тајфунот да го погоди тоа подрачје.
Во просек секоја година на Филипините се случуваат 20 бури и тајфуни.
Во тајфунот Хаиџан, познат како најсмртоносниот тајфун што ја има погодено земјата, во 2013 година животот го изгубија над 6.000 луѓе.