Sayed Khodaberdi Sadat
19 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
КАБУЛ (АА) - Авганистанските власти изјавија дека војската на Пакистан последните два дена фрлила 375 ракетни гранати во пограничните покраини на Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на гувернерот на покраината Нангархар, што се наоѓа на границата со Пакистан, Атаулах Хогјани, во изјава за новинарот на АА истакна дека граничните единици на Пакистан за два дена фрлиле 375 ракетни гранати во областа Лал Пур и дека продолжуваат со лансирање ракетни гранати.
Хогјани изјави дека ракетните гранати убиле една жена и две деца, а раниле две лица, додека 300 семејства од тоа подрачје ги напуштиле своите домови и биле присилени да се засолнат во другите области.
Хогјани исто така рече дека поради настанатите тензии шефот на Генералштабот Кадамшах Шахим е дојден во покраината Нангархар и дека повеќе припадници на безбедносните сили се транспортирани на границата.
„Нема да дозволиме ниедна земја да изврши воена интервенција во Авганистан, ќе возвратиме“, изјави заменик-портпаролот на Претседателството на Авганистан, Џавид Фаисал.
Министерството за надворешни работи на Авганистан соопшти дека амбасадорот на Пакистан во Кабул е повикан во министерството во врска со последните напади. Во соопштението се наведува дека Владата на Авганистан остро ги осудува овие напади.
- Причина за тензиите -
Повеќе лица загинаа, а 150 беа повредени во експлозија што се случи пред два дена во Турбето на суфистичкиот научник Лал Шахбаз, во пакистанскиот град Шехван Шериф.
Кратко по преземањето на одговорноста за нападот од страна на терористичката организација ДЕАШ, Владата на Исламабад тврдеше дека нападот е испланиран на територијата на Авганистан, и на неопределено време го затвори граничниот премин во Торкхам со образложение дека постои ризик од тероризам.
Армијата на Пакистан потоа изјави до Владата на Кабул е доставена листа со имиња на 76 терористи, и дека е побарано фаќање на терористите и нивно предавање на Пакистан.
Обединетите Нации го осудија нападот и повикаа на меѓусебна соработка на двете земји во борбата против тероризмот.